Кањонот на Козјачка река, локација каде НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Штип, изведува археолошки истражувања на локалитет „Кула“, село Калаузлија
Локалитетот Кула претставува населба и утврдување од доцноантичкиот период. Се наоѓа на 2 км. југозападно од селото Калаузлија и на 3,5 км југоисточно од Баргала. На издаден гребен кој на западниот крај стрмо се издига над коритото на десната страна на Козјачка Река. Имено, населбата и тврдината се едни од бројните одбрамбени пунктови распоредени околу доцноантичкиот град Баргала. На теренот е констатирана голема цистерна за вода, простории од поголем објект во чии рушевини, покрај другите наоди, се констатирани и тесели од стаклена паста за ѕидни мозаици и голем број на гробни конструкции. На северното плато, со археолошките истражувања во 2005 год., е откриена ранохристијанска црква – датирана од 4 до 6 век. Во средниот век врз рушевините на ранохристијанската црква, како култно место, и на широкото плато околу црквата е лоцирана средновековна некропола и населба.