Културни установи (источен планински регион)

НУ Завод и музеј Штип​

Музејот во Штип е отворен со одлука на Народниот одбор на градот Штип на 10.05.1950 година. Првата поставка на Музејот е поставена во Хуса – Медин пашината џамија и имала етнолошки карактер. На 11.10.1956 година Музејот е преместен во ново-адаптирана зграда од староградска архитектура, позната како куќата на Арсови (браќата Тошо и Љупчо, народни херои). Во 1964 година отворена е постојана изложбена поставка на современо македонско сликарство во уметничката галерија Безистен, која претставува дел од Музејот. Во 1972 година, на иницијатива на Коста Балабанов, во црквата од 19 век – Успение на пресвета Богородица во Ново Село е отворена постојана поставка на икони. Во 1978 година зградата на Музејот е реновирана, па музејските простории се пренесени заедно со целокупниот персонал и документација во просториите на стариот Здавствен дом. Во 1979 година Музејот се здобива со статус на Завод за заштита на спомениците на културата и народен музеј, за разлика од претходно кога беше само Народен музеј на Штипскиот крај. Во 1985 година повторно е вратен Музејот во куќата на Арсови, која била напуштена во 1978 година заради реновирање. Во овие простории музејот работи непрекинато до денес. Во 1980 година направен е проект за проширување на Музејот со уште една зграда, при што е искористена куќата на Аневи – Гочеви, каде сега се наоѓа археолошката поставка. Мегу куќата на Арсови и куќата на Аневи – Гочеви, уште тогаш е планирана административна зграда, во која ќе биде сместен административниот дел. Овој проект е завшен во 2004 година. Денес музејскиот комплекс се состои од три згради од кои едната е административна, а другите две се предвидени како поставки.
Во склоп на Завод и Музеј на град Штип работи и Музеј на ВМРО за Штип и Штипско (1893 – 1934) отворен во 2014 година, уметничката галерија Безистен, а отворена е и Спомен куќа на Славчо Стојменски.

Музеј Теракота – Виница

Идејата за основање на музеј во виница потекнува уште од 80-тите години на минатиот век, до нејзина реализација доаѓа дури во мај 2006 година.
Музејот на град виница се наоѓа во центарот на градот, во состав на зградата на локалната самоуправа.
Алатките на праисторискиот човек, мистериозните култови на првите цивилизации, античкиот раскош и декаденција, скромноста на првите христијани и нивната длабока вера, воинственоста на варварските племиња – сето тоа е собрано на едно место. Музејот Теракота ви ја нуди приказната за безвременоста на Виница.

НУЦК ,,Никола Јонков Вапцаров”-Делчево

НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“,Делчево е непрофитна Национална установа од областа на културата. Основач на НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“,Делчево е Владата на Република Македонија, со Одлука за утврдување на мрежата на Националните установи од областа на културата. НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“,Делчево е правен следбеник на правното лице установа за образование и културна дејност „М.М.Брицо“, Делчево основана од Собранието на Општина Делчево од 03.09.1963 и правен следбеник на работната организација Дом на култура „Никола Јонков Вапцаров“, од27.04.2004 година.
Дејност на НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“,Делчево е дејности на објектите за културни манифестации. Во рамките на основната дејност НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“,Делчево ги врши следните работи:
1.Врши програмско и функционално поттикнување и развој на културата;
2.Го поттикнува творештвото на децата и младите,со посебен акцент на културно-уметничкиот аматеризам;
3.Врши систематско истражување,собирање,средување,стручно и научно обработување и проучување,заштита,чување,објавување и презентирање на движното културно богатство,предмети и експонати;
4.Врши објавување на културно-уметнички дела;
5.Го зачувува и негува автентичното фолклорно богатство;
6.Врши претставувањенамузичките,музичкосценските,ликовните,театарските, литературните,филмските и уметничките творења.
7.Се грижи за унапредување на културно-забавните активности;
8.Се грижи за усовршување на стручните кадри
9.Соработува со разни институции од земјата од областа на културата и со здруженија и невладини организации со кои остваруваат и реализираат проекти од областа на културата и уметноста;
Покрај основната дејност, НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“,Делчево ги врши и следните дополнителни дејности:
1. Прикажување на филмови
2.Помошни дејности во изведувачката уметност
3. Уметничко творештво
4. Трговија на мало со книги во специјализирани продавници
5 . Трговија на мало со нови производи во специјализирани продавници

Дом на култура “Злетовски Рудар” – Пробиштип

Домот на културата „Злетовски рудар“ од Пробиштип, уште од своето формирање како институција на културата во 1975 година, делува и работи како комбиниран вид на Дом на култура, во кој во овој период покрај основните дејности: драмската (првата Драмска аматерска група формирана во 1961, Драмска секција воспоставена во 1947) , фолклорната (КУД 1950), ликовната, народниот и забавниот оркестар, литературната и балетската дејност, во својот состав ги опфаќа и кино-прикажувачката дејност, библиотечната дејност (Библиотека 1946/47, Фонд на книги над 40 000) и работењето на Работничкиот универзитет.

Дом на млади – Штип

Oпштинска установа за култура Дом на млади-Штип преставува култен центар за развој на младите во Општина Штип. Тој игра важна улога во културниот живот и начин на размислување на граѓаните во Штип.
Ова се само дел од причините поради кои ОУК Дом на млади Штип заслужува квалитетна и современа програма за работа. Штип e универзитетски центар, кој има потреба од организиран културен пристап кон младите кои живеат постојано или привремено во нашата општина.
Затоа, Oпштинска установа за култура Дом на млади-Штип ги следи современите културни тенденции, да биде во тек со новите технолошки достигнувања, но и да се искачи на културниот пиедестал, како водач во урбаното живеење на граѓаните.

НУ Центар за култура „Ацо Шопов”

НУ Центар за култура „Ацо Шопов” во Штип е изграден во 1979 год. и располага со корисна површина од 3100 м2, од кои 410 м2 отпаѓаат на сценскиот простор. Центарот располага со голема сала со 615 седишта и мала сала, односно сцена со 120 седишта.
Во рамките на приредувачката дејност во Центарот се организираат манифестации од областа на музичко – сценските уметности, драмската, ликовната, литературната, како и најразновидни општествени и културно – образовни форми (предавања, трибини, академии). При Центарот за култура како матични форми работат: Драмското студио, Ликовното студио и Хармоникашкиот оркестар.
Во Центарот традиционално се организираат следните манифестации: Биенално студио за цртеж „Во чест на поетот“ (посветено на Ацо Шопов), Фестивалот на музика „Макфест“, „Екран – театар фест” и др. Во просториите на Центарот се сместени уште и: Културно – просветната заедница, Друштвото за наука и уметност, Списанието „Дело 74“ и др. Годишно во Центарот се организираат околу 130 манифестации. Своевремено во дел од објектот се наоѓаше Домот на АРМ, но по формирањето на Универзитетот „Гоце Делчев”, просториите беа отстапени на Ректоратот на Универзитетот.

НУЦК „Бели мугри“ – Кочани

Национална установа – Центар за култура “ Бели мугри “ – Кочани е основана 1968 година. Во склоп на Националната установа – Центар за култура “ Бели мугри “ – Кочани се вклучени следниве дејности : литературна дејност, сценско- музичка дејност, фолклорна дејност, ликовно – галериска дејност, театарска дејност и филмска дејност. Националната установа – Центар за култура „Бели мугри“ – Кочани располага со голема сала со капацитет во моментот од 438 седишта. Објектот има изложбени простории и простории за промоции со површина од 219 м2. Летната сцена со димензии 16 х 8 м за време на топлите денови во годината ги пречекува уметниците од сите облици на уметност.
Националната установа – Центар за култура “Бели мугри “ – Кочани, како и сите останати вакви центри , работи по годишна програма донесена од матичното Министерство за Култура на Република Северна Македониј. Освен проектите содржани во неа, директорот на установата во координација со останатите директори организира културни манифестации дополнително, со цел збогатување на културниот живот на локално ниво.

Дом на култура „Димитар Беровски“ Берово

Домот на културата “Димитар Беровски“- Берово е единствената институција од областа на културата и главен двигател на сите случувања од областа на културно забавниот живот во општина Берово.
По ослободувањето во 1946 година за потребите кои се наложувале во Берово бил формиран “Работнички универзитет“ и “Народна библиотека“. Се организирале вечерни школи за описменување на населението, разни курсеви за потребите на работните организации, се одржувале предавања и трибини за општествено политичките односи и случувања во земјата.
Покасно во составот на Работничкиот универзитет “Моша Пијаде”, било отворено и првото кино во Берово. Кино “Малеш“ како што било именувано најпрвин почнало со работа во старата сала “Соколана” како што била наречена пред војната, а тогаш преименувана во “Партизан”. Во 1953 година со доброволна работа “ангарија” била изградена кино сала, која и денес постои, а во која покрај ретките кино престави се одржуваат и концерти, театарски престави и други слични манифестации. Во 1971 година тогашните делегати во општинското собрание донеле одлука со која тогашниот “Работнички универзитет Моша Пијаде” се трансформира во Дом на култура “Димитар Беровски” Берово.