Во тек се конзерваторските работи на Владетелската палата на археолошкиот локалитет Билазора во село Кнежје, Свети Николе.
Локалитетот Билазора во село Кнежје се наоѓа на 4 км. западно од Свети Николе, позициониран во источната периферија на село Кнежје, на доминантен рид со зарамнето плато, кој доминира над Овчеполието, со површина од 20 хектари, распоредена на 3 прстенести тераси околу централното и доминантно плато или т.н. акрополен простор.
Целата површина на локалитетот претставува населбински простор од 7 до 2 век п.н.е., во рамките на 3 хронолошки, културно и урбанистички различни населби.Досега откриената архитектура, разнобојната фрескодекорација, како и движните наоди, сведочат за нејзините исклучително високи културно – историски вредности, како резиденција на пајонските владетели, што ја прават единствен објект од тој вид и време досега откриен во внатрешноста на Балканот.
Со финансиска поддршка на Министерството за култура во тек е реализацијата на проектот за конзервација на Владетелската палата на Билазора, значаен споменик на културата од античкиот период, од страна на НУ Завод и Музеј – Штип.