Одржана обука за „Управување со културно наследство“ од проектот „Културен мост низ вековите“

Од 10-12 март 2021 година во хотел Изгрев во Штип се реализираше обука за јакнење на капацитетите од областа на управувањето со културни настани и културно наследство, како дел од предвидените активности со проектот „Културен мост низ вековите“.

Активноста за јакнење на капацитетите опфаќа две тридневни обуки: првата на тема „Управување со културно наследство“, а втората се однесува на „Управување со културни настани“. Фокусот на обуките е значењето на културното наследство за развој на културниот туризам, неговото управување и одржливо искористување. Воедно ќе се обучат засегнатите лица од двете страни на границата соодветно да креираат, планираат, реализираат и управуваат со културните настани во полза на развој на туризмот

Првата дводневна обука беше одржана на комбиниран начин, претставниците на општина Белица со физичко присуство беа сместени во големата сала на читалиштето „Георги Тодоров 1885“, а македонските учесници беа сместени во хотел Изгрев во Штип, меѓусебно поврзани со виртуелни средства за комуникација кои овозможуваат интерактивност.

На настанот присуствуваа вкупно 30 учесници од двете страни на границата.

Тридневните обуки беа организирани согласно сите здравствени мерки и протоколи за заштита на здравјето на граѓаните од Ковид – 19.

Со оваа активност се придонесе за подобрување на вештините и знаењата на засегнатите страни од областа на туризмот во Источниот плански регион со цел подобро искористување на материјалното и нематеријалното културно наследство за промоција на културниот туризам и развој на соодветна туристичка понуда во прекуграничниот регион.